Еден дезертер станува, друг седнува на премиерската фотелја: Милошоски се обрати на Џафери

Собранието денеска ја почна седница за избор на техничка влада на Македонија. Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржан, а во салата имаше регистрирано 108 пратеници. Уште веднаш пратеникот Антонијо Милошоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа, а по неговото обраќање пратениците на оваа партија ја напуштија салата.На седницата не присуствуваа ни пратениците од албанската опозиција, кои го бојкотираат одамна заради неименувањето нивен член во Државната изборна комисија.

Талат Џафери прв се обрати пред пратениците при што главната порака беше дека ќе постапува согласно законите.

„За мене не е важно дали е техничка Влада или за 100 дена, јас оваа одговорност ја сфаќам онака како што сум пристапувал кон секој предизвик кој сум го имал во животот. Сакам да ве уверам дека нема да дозволам да отстапиме од она што значи функционална и одговорна институција“, кажа Џафери.

Малку говореше на албански, па на македонски. Меѓу другото, во говорот се осврна и на тоа дека внимание ќе посвети на тоа во следниот период да има успешни економски политики, а и дека ќе продолжи борбата против корупцијата. На крајот од говорот, му се заблагодари за довербата најпрвин на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потоа на шефот на државата Пендаровски, а и на сите пратеници.

Според Милошоски Џафери ја попречува работата и на Анкетната комисија која беше формирана за скандалот со скопската Клиника за онкологија.

– Скандалот со Клиниката за онкологија покажа дека СДСМ и ДУИ се прилично уиграни во бизнисот со тенедери. Двајца директори на Онкологија, еден од СДСМ, еден од ДУИ, една позната веледрогерија која ги финансирала и двајцата, но и други министри, останаа неказнети само за да се заштитат провизиите кои им се на прво место пред пациентите. Џафери до последниот момент одбиваше да ги испрати документите од сведочењата и материјалите до Анкетната комисија за случајот во Собранието, сé со цел да се заштитат двата директори во овој морбиден скандал – вели Милошоски.

Потоа тој се осврна на случајот со Државната изборна комисија.

– Кога го слушате Џафери како зборува за фер избори, да ве потсетеам дека за првпат во историјата имаме државна комисија која не е комплетна. Тоа е затоа што Џафери не им дозволи на опозициските партии БЕСА и Алтернатива да добијат член во ДИК, а спроведувач на сценариото беше колешката Марија Ѓеоргиевска од СДСМ која ризикува и кривично да одговара поради ова – обвинува Милошоски.

Сепак, тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја порази владината коалиција на следните избори на 8 мај, после кој, како што рече, „ќе го славиме денот на Европа, 9 мај, по што ќе огрее сонце на слободата“. Милошоски објасни дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека премиерското место не треба да го има партија која има помал број на пратеници да го изгласа и која е поврзана со најголеми број од скандалите со висока корупција и затоа нема да гласа за изборот на Талат Џафери за премиер на преодната влада.

На почетокот од собраниската седница, по утврдување на редот, мандатарот Талат Џафери имаше сопствено обраќање каде ја објасни прогрмата на техничката влада. Според Џафери, преодната влада нема да го промени правецот.