Џафери избран за технички премиер со 65 гласа „за “ и три „против“, пројдоа и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ

Спикерот на Собранието Талат Џафери, како и целиот состав на предложената техничка влада, беа изгласани со 65 гласови „за“ и со три гласа „против“ на денешната седница во Собранието. На таа листа се најдоа и предлозите на опозицијата, т.е. техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ, иако тие претходно ја напуштија салата и најавија дека немаат да гласаат.На гласањето не присуствуваа и пратениците на албанската опозиција.

Во составот на преодната влада прв заменик премиер на владата и вицепремиер за европски прашања ќе биде Бојан Маричиќ, додека Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е предложен за министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.

На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина, Фатмир Битиќи – министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска – министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.

Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери, кому му е доверен мандатот да формира техничка Влада.

СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.