Инфекциите експлодираат: Поставени насоките за новата корона-политика во Германија
Епидемиолошката ситуација во Германија е повеќе од загрижувачка. Бројот на ковид-случаи вртоглаво расте. Партиите од веројатната идна владејачка коалиција се обидуваат да го сменат курсот. Но, тоа воопшто не е лесно.
Тоа не беше секојдневна расправа во германскиот парламент, Бундестагот. Бидејќи, кога станува збор за актуелната корона-политика, тоа е тема која сега повторно силно би требало да се врати во парламентот.
Досега беше пракса многу одлуки да се носат на состаноците на премиерите на покраините и германската канцеларка, Ангела Меркел. Потоа, најчесто покраинските парламенти гласаа за мерките. Тоа беше регулирано затоа што земјата беше во еден вид вонредна состојба – таканаречена „епидемиска ситуација од национални размери“, која е на сила до 25 ноември. Во Германија за заштита од заразни болести се надлежни покраините.
Планираната нова влада, која би ја сочинувале Социјалдемократите (СПД), Либералите (ФДП) и Зелените, таканаречена „семафор-коалиција“, нема во план да ја продолжи вонредната епидемиолошка ситуација, туку сака да усвои нов пакет мерки.
Крајно рестриктивни мерки, како локдаун или забрана за излегување, веќе не би требало да има. Тие не се правно засновани, вели либералот Марко Бушман. Така, еден германски Уставен суд неодамна дополнително ја отфрли одлуката за забрана за излегување.