Три компании во трка за универзален снабдувач со струја
ЕВН ХОУМ, ЕСМ продажба и конзорциум од грчки ЕДС заедно со ПАН ИНТЕРТРЕЈД се трите компании кои доставиле понуда за универзален снабдувач со електрична енергија, информираат од Влада. Маржата која ја понудиле првите две е идентична – 11,4%, незначително повисока е на конзорциумот, објави Сител тв.
Наредните денови ќе се прави евалуација на економско финансиската и техничка способност на понудувачите, а операторите чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската постапка ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи, велат од Влада.
Аукцијата треба да се одржи за 10-тина дена, а тој што ќе понуди најниска маржа, ќе биде новиот снабдувач со струја во следните 5 години. Од Владата очекуваат дека со пониската маржа ќе се намалат и сметките за струја за граѓaните и малите потрошувачи.
„Пониската маржа која влегува во конечната цена за крајните корисници би требало да ги намали. Секако, ние правиме напори со сите инвестиции во обновливи извори на енергија, во трансформација кон зелената енергија да граѓаните добијат се пониски цени за електрична енергија како крајни корисници“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања
Условите кои треба да ги исполнуваат фирмите е да имаат капитал од 40 милиони евра, да изјават дека во рок од 30 дена, ако бидат избрани како најповолни, ќе достават банкарска гаранција во износ од најмалку 10 отсто од годишните обврски, да имаат капацитет да испорачуваат над 500 илјади месечни фактури. Во последните 5 години да немаат пресуда за учество во корупција измама или перење пари, како и дека немаат отворено постапка за стечај или ликвидација.
Но токму ЕДС, кој поради финансиски проблеми не можеле да настапат сами се здужува со ПАН ИНТЕРТРЕЈД, трговец со струја кој оперира во Макединија и Србија. Според официјалните документи, компанијата во Србија веќе е во ликвидација .
Инаку во последите 5 години универзален снабдувач беше ЕВН хоум, а маржата која ја наплаќаа изнесуваше 11,5%. Новиот снабдувач ќе ја преземе улогата од јули.