Владејачката СДСМ за кандидат за претседател на државата на анкетите тестирала повеќе од 15 имиња, меѓу кои се среќаваат поранешни и актуелни функционери, премиери, претседатели, министри.
Од СДСМ брифираат дека сите имиња коишто ќе бидат евидентирани ќе бидат тестирани и преку анкети. Врз основа на анализите коишто ќе ги вклучат и резултатите од истражувањата на јавното мислење ќе биде донесена и финалната одлука.
Како што објави „Слободен печат“, во општинските организации на партијата се споменувале имињата на актуелниот претседател Стево Пендаровски, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, министрите Славјанка Петровска и Оливер Спасовски, потоа Радмила Шекеринска, Ѓорѓи Спасов, Бранко Црвенковски, Сашо Орданоски, Маргарита Цаца Николовска, Зоран Заев, Венко Филипче и Јован Митревски.
Дополнително, помеѓу имињата кои се дел од внатрепартиските анкети се и оние на Денко Малески и Ивон Величковски, а од партијата најавуваат дека анкетите ќе продолжат и меѓу граѓаните.
Дополнително, во СДСМ е отворен е и јавен повик за самокандидирање, преку оглас во дневни весници на македонски и албански јазик, што значи дека можат да се кандидираат и на личности кои не се од СДСМ, но ги споделуваат социјалдемократските вредности.