На повидок е пролонгирање на рокот за лични документи

Владата размислува за пролонгирање на рокот за вадење и важење на личните документи. Крајниот збор сепак ќе го има Грција затоа што обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлегува од потпишаниот меѓународен Преспански договор во 2018 година.

– Ќе се консултирам со министрите за предлогот на претседателот Стево Пендаровски да се одложи рокот за менување на личните документи, а и јас лично сметам дека тоа е добар предлог. За продолжување на рокот за менување на личните документи ќе разговараме на седница на Влада. Претседателот најдобро знае и има повеќе детали за тоа како може да се изведе процедурата со оглед на фактот дека вадењето нови лични документи е обврска којашто произлегува од потпишувањето на меѓународен договор, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Тој вети дека за ова прашање дефинитивно ќе се разговара на седница на Влада, а во меѓувреме го упати Пендаровски да ѝ се јави на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и да побара разбирање за пролонгирање на роковите. Најавата на Владата за можно пролонгирање на важноста односо вадењето на нови лични документи доаѓа откако повеќе од 1 милиони граѓани извадија нови документи – лични карти, пасоши, возачки дозволи, а и денска сликите на пунктовите за фотографирање и за подигнување на новите документи – се исти , метеж, гужви, нервози. Дел од граѓаните се пожалија и дека не се почитуваат ниту однапред закажаните термини.

Поради зголемениот притисок и метежот – Пролонгирање на рокот денеска предложи и Демократскиот сојуз.

„Замената на лични документи е согласно Договорот потпишан во Преспа, помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како и доволен кадровски потенцијал, за да се изврши оваа операција до почетокот на февруари“, соопшти Демократски сојуз.

Не само што граѓаните имаа обврска да вадат нови лични документи иако постоечките се со важност – бурни реакции имаше и за поскапувањето. Цената на пасошите по редовна постапка се зголеми за 500 денари, а за итна постапка за 1.600 денари. Промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца чини околу 180 евра. Освен пасош, со новите цени, треба да дадат по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1.250 денари за промена на таблички за еден автомобил. Цените на пасошите за деца останаа исти. Во периодот од јули 2021 до 31.12 2023 променети се 1.007 885 лични карти, 1.169.463 патни исправи и 529.799 возачки дозволи.