Бектеши: Нема простор за паника, има доволно нафта!
„Нема простор за никаква паника во делот на снабдување со нафта и нафтени деривати. За мене е несфатливо како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи сите анализи покажуваат дека и компаниите сами имаат залихи, а дополнително имаме и согласно Агенцијата за стокови резерви и нафта и бензин и сите други деривати кои се пропишани. Ги повикувам сите граѓани да не чекаат во колони на бензинските пумпи, бидејќи нема никаков простор за паника“. Ова вечерва на тв Сител го изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој потенцираше дека создадената паниката е вештачки креирана ситуација.
„Треба да се провери како, дали е тоа од трговците со нафта и нафтени деривати или се дезинформации на портали. Ги уверувам сите граѓани дека тоа се целосно дезинформации – има нафта и нафтени деривати во нашата држава и залихите на компаниите се проверени од страна на Пазарниот инспекторат, а секако ги знаеме и податоците на државните резерви“ рече тој.
Бектеши за тоа колку гориво може да наточи еден потрошувач и забраната за полнење во туби, наметната од страна на одредени трговци на мало, рече дека тоа е недозволиво.
„Јас разговарав со директорката на Пазарниот инспекторат – тоа е недозволиво да се направи, но не треба сами граѓаните да шират паника, да одат на бензински пумпи на ваков начин, бидејќи првично нема ништо да добијат од тоа. Во континуитет ќе има нафта и нафтени деривати и не треба сами да ја создадат кризата, затоа што кога не се купува согласно потрошувачката што е предвидена или повеќе или помалку, тоа може да создаде нарушување на пазарот. Значи нема никаков проблем во делот на снабдувањето со нафта, бензин и други деривати“ – изјави Бектеши.