Нарачател на контингентот нелегални цигари, кои во саботата беа запленети во црногорското пристаниште Бар, е хрватската компанија „Stefan rex“ од Загреб, соопшти во неделата Царинската управа на Црна Гора.
Цигарите без надзорни маркички (бандероли), вредни повеќе од милион ипол евра, патувањето го завршија во слободната зона на пристаништето Бар, каде пристигнале од Обединетите Арапски Емирати. Црногорските цариници ги заплениле откако не се појавил примачот – претствник на загрепската фирма „Stefan rex“, која е на црната листа на нелегален промет со тутун.
„Она што е важно е да ја знаеме компанијата која доаѓа од Загреб. Преку кривична истрага на црногорската полиција и соработка на царинската управа и полицијата, потребно е да се дојде до сопственикот на таа фирма и да се утврди кој и зошто нарачал толкаво количество. Најважно е да се дојде до налогодавачот“, изјави за Радиотелевизија на Црна Гора, Иван Пекиќ, претседател на Меѓународната полициска организација.
Вредноста на одземените цигари се проценува на повеќе од 1,6 милиони евра, а во контејнерот биле пронајдени вкупно три марки цигари.
Над илјада ипол тони тутунски производи кои беа запленети минатата година во црногорското пристаниште Бар сѐ уште чекаат уништување, што зависи од завршувањето на судските постапки што ги покренаа нивните сопственици, но и од одлуката на црногорските државни органи за тоа како ќе биде уништено тоа огромно количество цигари.
Црногорското пристаниште Бар беше претходно назначено од меѓународните институции како клучен центар за шверц на нелегални цигари, од каде тие се транспортирале на пазарите во Европската унија.
Во акциите на црногорската полиција и тамошната Царинска управа минатата година биле запленети тони цигари без надзорни маркички. Владата забрани и складирање на тутунски производи на територијата на Слободната зона на пристаништето Бар.