Османи: Прашајте ја Габриел како исчезнаа протоколите од заклучоците на ЕУ за С. Македонија

„Прашајте ја Габриел како тоа нивното барање на Самитот на ЕУ на 15 декември во Брисел да стојат протоколите во заклучокот на Европската Унија за Северна Македонија некако преку ноќ исчезнаа и ги немаше во финалната верзија“.

Ова во гостување во емисијата „Стадион“ на Радио „Канал 77“ го изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Тој ја негира изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел дека уставните измени не се единствениот услов за продолжување на патот на С. Македонија кон ЕУ.

Протоколите, вели Османи, ги имало во верзијата до почетокот на состанокот, но, не и во конечните заклучоци по него.

„Значи ги имаше до почетокот на состанокот и јас ја имам таа верзија можам да ви ја покажам во којашто пишува Преспански договор, Договор со Бугарија како и протоколите. И после состанокот ја нема реченицата „и протоколите“. Знаете зошто? Затоа што Преговарачката рамка е веќе е ѕидот и мене апсолутно не ми важно дали ќе има нови барања од било која бугарска влада утре којашто може да биде и најнационалистичка, веќе имаме изградено ѕид во којшто имаме точно утврдени пори што може да помине, а што не“, рече Османи.

Промената на Уставот не е единствениот услов за С. Македонија на патот кон ЕУ, рече бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата.

Во врска со коментарите дека бугарската вицепремиерка ја кажала вистината во однос на условите за членство на земјата во ЕУ, министерот Османи рече:

„Ја слушам пропагандата и колумните секој ден и сакам да им кажам луѓе дајде погледнете го тоа видео кога излегувам на зелена табла и цртам, ај изгледајте го за да не се повторувам секој ден дека протоколите не се дел од проектот што го завршивме во Брисел со скринингот. Значи кога правите проект имате арматура, цигли, бетон за да изградите куќа. Тоа се тие бенчмаркови за отворање и затворање на поглавја, скалилата низ кои мора да се помине. Нема протокол во тие скалила. Има само малциснки права, затоа што ние бевме ставени во дилема, односно во дискурсот со Бугарија имавме два пата – едниот беше историја и идентитет, другиот беше малцински права“ – рече Османи.

„Историјата е субјективна работа, ние сме во асиметрична позиција, Бугарите се внатре во ЕУ ние сме надвор, нема да излеземе добро ако основниот дискурс со Бугарија ни е историјата и идентитетот, дајте да се фокусираме на малцинските права, бидејќи тука сме ние најдобри, тука сме се покажале. И затоа решивме уставни измени и акциски план за малцински права. Протоколот, историските прашања се дел од билатералните односи со Бугарија, но тие не се услови за отворање и затворање на на поглавја и не знам што повеќе, како да објаснам на луѓето за да не бидат предмет на пропагандата што се шири од страна на опозицијата само заради партиски цели“ – кажа Османи.