Даблин купи 22 возила за чистење од БРАКО

Градскиот совет на Даблин набави 22 возила од велешката фабрика БРАКО, кои ќе го чистат главниот град на Ирска.

16 од возилата се на класичен погон и 6 возила се на електричен погон, а градот се одлучи за моделот 400 ZE, машина со рачно управување, кој е еден од најпродаваните модели.

Даблин ги избра возилата Грин Машинс на БРАКО поради лесното управување, тивкиот режим на работа, издржливоста, ефикасноста и можноста да чистaт и тешко пристапни места, додека електричниот модел има вграден најмодерен систем за рециркулација на воздухот со кој максимално се намалуваат штетни честички и прашина при чистење на коловозите, пешачките и велосипедските патеки.

Од БРАКО сметаат дека е успех за државата тоа што македонски возила ќе бидат ангажирани за хигиената во Даблин, главниот град на Република Ирска, земја членка на ЕУ и една од земјите со најбрз економски раст во светот и во топ 5 земјите кога станува збор за бруто домашен производ по глава на жител.