Шпанскиот премиер – Педро Санчез рече дека се надева дека ќе ги отвори преговорите за членство на Украина во Европската унија пред крајот на шпанското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, и дека е време блокот да ги „отвори вратите“ за Молдавија и за земјите од Западен Балкан.
„Го започнав шпанското претседателство на патот кон Киев и се надевам дека ќе го затворам со започнување на пристапните преговори со оваа земја, сега кога е познат извештајот на Европската комисија“, рече Санчез пред самитот на ЕУ закажан за четврток и петок на кој ќе се разговара за проширувањето на блокот.
Во ноември, Европската комисија препорача Киев да биде поканет да ги започне преговорите за членство веднаш штом ќе се исполнат условите поврзани со решавање на проблемот со корупцијата, како и усвојување закони за лобирање во согласност со стандардите на ЕУ и зајакнување на заштитата на правата на националните малцинства во Украина, пренесува „Ројтерс“.
Унгарија најави дека останува на својот став за противење на украинското членство, што ќе биде една од темите на разговор на состанокот на членките на ЕУ, како и потенцијалниот нов пакет санкции на ЕУ против Москва, 12-ти по ред од Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.