Бесими: Антикризните мерки придонесоа за двојно подобар економски резултат во време на криза

„По забрзување на растот на економијата во 2019 година, следните четири години, како резултат на надворешни шокови, нашата економија се соочи со неколку последователни кризи. Во 2020 година, економијата беше силно погодена од пандемијата Ковид-19, на што Владата навремено реагираше со серија од шест пакети антикризни мерки во 2020 и 2021 година. Фокусот беше да се зачуваат работните места, ликвидноста на компаниите, социјалната сигурност, но и закрепнување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на подолг рок“, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна викенд колумна.

„Под влијание на глобалната пандемија, економската активност се намали за 4,7% во 2020 година, но проценките на домашните институции, но и на меѓународните е дека доколку изостанеше брзиот и силен одговор на фискалната политика, падот на БДП во 2020 година би изнесувал над 8%.

По ублажување на ефектите од пандемијата, економијата забележа солидно закрепнување во 2021 година од 4,5% на годишна основа и покрај продолженото влијание на Ковид-19. На почетокот на 2021 година продолживме со носење нов пакет на мерки со кои се продолжи со поддршката од претходните пакети преку државна финансиска поддршка на плати за вработените во првиот квартал, бескаматни кредити за компаниите од погодените дејности, финансиска поддршка за радиодифузери, и ослободување од надоместокот за мултиплекс фреквенција, финансиска поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување плаќање данок на личен доход, финансиска поддршка за меѓународните транспортери, кредитна гарантна шема, поддршка за спортски клубови, укинување на царинските стапки за дел од суровините, поддршка на микро, мали и средни претпријатија, како и за приватните здравствени установи, бришење камати на граѓаните кон јавни институции и претпријатија итн.

Сепак, кон крајот на 2021, домашната економија беше погодена од нови глобални шокови со енергетската криза, која ескалираше на почетокот на 2022 година со ефектите од руско-украинскиот конфликт. Неповолните движења на пазарите на енергенси и руската инвазија врз Украина влијаеа на силен раст на глобалната инфлација, преку раст на цените на енергенсите и храната. Владата повторно реагираше брзо и навремено преку нови пакети антикризни мерки. Мерките на почеток беа насочени кон ублажување на ценовниот шок од растот на цените на енергенсите врз населението и компаниите, преку субвенционирање на цената на електричната енергија преку директна финансиска поддршка на ЕСМ, како и преку повластена стапка на ДДВ за електричната енергија, а подоцна и кон ублажување на последиците од високите цени на храната, мерки за замрзнување на цената, зголемување на минималната плата, пензиите, платите во јавниот сектор, како и еднократни финансиски додатоци/исплати кон најранливите категории на граѓани, односно примателите на социјална помош и пензионерите со ниски пензии. Целта беше да се задржи куповната моќ на населението и ликвидноста на компаниите, со постепено таргетирање кон најранливите категории граѓани и истовремена поддршка на инвестициите. Мерките овозможија да се забави преносниот ефект од увезената инфлација, да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија и да се спречат ценовните шокови. Благодарение на мерките насочени кон ограничување на порастот на цените, инфлацијата е во постојан пад 12 месеци по ред и достигна 3,1% во ноември 2023 година, откако во октомври 2022 година ги достигна највисоките 19,8%.

Во овој четиригодишен период со повеќе испреплетени кризи, со цел да одговориме на ефектите врз економијата и животниот стандард на граѓаните пристапивме кон дизајнирање на девет пакети антикризни мерки, покрај тековните прилагодувања со ad hoc мерки други политики и системски решенија. За време на пандемијата на КОВИД-19 се пристапи кон мерки за заштита на животот и здравјето на граѓаните, заштита на работните места, како и поддршка на ранливите категории на граѓани, но во исто време и силна финансиска поддршка за стопанството, кое хибернираше поради административните ограничувања, согласно здравствените препораки за заштита од пандемијата. Тоа го чинеше буџетот околу 1,2 милијарди евра.

Пред целосно да заврши пандемијата, заради прекинот на синџирите на производство, но и високата побарувачка, се креираше ценовен притисок. Потребите за интензивирање на економската активност во постпандемискиот период ја зголеми побарувачката за енергенси и на тој начин се предизвика зголемување на нивните цени, кои станаа дополнителен притисок за цените на инпутите во производството на храна, како и други производи. Во вакви околности на загреани цени на пазарите, особено во ЕУ, како наш најзначаен економски партнер, и во услови на фиксен девизен режим со еврото, ценовниот шок се пренесуваше целосно и во нашата економија. Состојбите станаа уште покомплицирани со воената агресија кон Украина, како најголем извозник на основни прехранбени производи. Но, исто така енергетската зависност на ЕУ од Русија, предизвика уште подлабока криза, која бараше коодиниран пристап во повеќе сфери: краткорчни мерки на страната на побарувачката, среднорочни мерки за намалување на енергетската зависност од Русија, и на долг рок мерки што ќе создадат услови за зелена транзиција и оддржлив развој. Исто така, монетарните власти пратија јасни пораки за борбата со инфлацијата, што на меѓународните финансиски пазари се рефлектираше со повисоки каматни стапки. Тоа влијаеше на забавување на економскиот раст во 2022 година и 2023 година во однос првичните проекции за раст. Антикризните пакети, како одговор на енергетската и ценовната криза, беа насочени кон заштита на најранливите категории на општеството, како и поддршка на стопанството со цел намалување на трошоците и обезбедување на потребната ликвидност. Фискалните импликации на овие пакети мерки за заштита од енергетската и ценовната криза изнесуваа 760 милиони евра.

Значи претходните осум пакети на антикризни мерки достигнаа ниво од околу 1,96 милијарди евра. Со тоа е намален економскиот пад во 2020 година, кој беше компензиран во растот во 2021 година, за потоа растот во 2022 година, 2023 година и проектираниот раст во 2024 година да бележи забрзана нагорна динамика“, пишува тој во својата колумна.