Ковачевски: Рангирањето на „Економист“ е поттик да се задржи посветеноста на унапредувањето
Премиерот Димитар Ковачевски на маргините на Инвестицискиот самит за Западен Балкан се сретна со директорката за Европа во Одделението за истражување на „Економист“ – Џоан Хоје, која раководи со Индексот на демократија во светот што се спроведува секоја година. Според ова истражување за минатата година, кое беше објавено неодамна, Северна Македонија излезе од зоната на држави со „хибриден режим“ и влезе во кругот на функционални демократии како „демократија со недостатоци“.
Индексот на демократијата на Северна Македонија според „Економист“ е подобрен за 5 места што е голем успех во време кога демократијата назадува во светски рамки. За само една година нашата земја направи скок од пет места и сега е рангирана на 73 место.
Во разговорот со Хоје, премиерот Ковачевски истакна дека рангирањето на „Економист“ за Владата и за нејзините граѓани е поттик да се задржи посветеноста на унапредување на демократските стандарди на институциите, на правата на граѓаните и слободата на медиумите во изградбата на слободно општество според највисоките вредности на европските демократии.