Зеленски: Злото вооружено со проектили, бомби и артилерија мора веднаш да се запре

Володимир Зеленски – претседателот на Украина повика Русија да запре со гранатирањето на украинските градови, по вчерашниот прв круг мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Повеќе од 100 цивили веќе загинаа во руската војна во Украина, додека повеќе од 300 случајни минувачи се повредени, соопшти канцеларијата на високиот комесар за човекови права Мишел Бачелет. Меѓу загинатите има најмалку 7 деца.

Владата на Украина соопшти дека бројот на цивилни жртви досега изнесува повеќе од 150, додека Русија ја отфрли идејата дека нејзините трупи кои напредуваат претставуваат закана за цивилите.

„Држава што врши воени злосторства против цивили не може да биде членка на Советот за безбедност на ОН“ – рече Зеленски во видео порака, во молба Москва да биде исклучена од Советот на ОН.

„Ова овде е Украина. Ова е Европа. Ова е 2022 година. Злото вооружено со проектили, бомби и артилерија мора веднаш да се запре. Економски да се уништи. Да се покаже дека човештвото може да се брани“ – рече Зеленски.

Тој ја повика меѓународната заедница да размисли за целосно блокирање на воздушниот простор за руските ракети, авиони и хеликоптери.

„Русија ги презентираше своите позиции, ние дадовме контрааргументи за да се стави крај на војната. Штом делегацијата ќе се врати во Киев, официјалните лица ќе ги анализираат позициите и ќе одлучат како да се продолжи во вториот круг преговори“ рече украинскиот претседател.