Во продолжение го пренесуваме соопштението на членовите на ДПМ по извршениот пуч на денешното вонредно изборно собрание.
Ја известуваме јавноста дека денес, 25 ноември 2023 година, на Вонредното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), претседателката на Собранието на ДПМ во заминување, Кристина Николовска и претседателот на ДПМ во оставка, Христо Петрески извршија обид за целосно уништување на македонската писателска асоцијација формирана во 1947 година од Конески, Шопов, Јаневски, Митрев, Чашуле, Иљоски, Крле, Малески и Точко.
Ударот врз ДПМ беше подготвуван изминатиот период од претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска со тоа што:
– и покрај барањето на членови за увид и прочистување на Избирачкиот список, таа не го овозможи тоа и во списокот останаа починати лица;
– оневозможи членовите на ДПМ што живеат надвор од земјата да гласаат на Вонредното изборно собрание, без да прифати и понуди решение нивното очекувано отсуство да не влијае на кворумот на седницата;
– ги демотивираше членовите на ДПМ што живеат надвор од Скопје да дојдат на Вонредото изборно собрание со тоа што не одговори на нивните прашања за подмирување на патните трошоци;
– повеќе од половина од членството на ДПМ според јавно објавениот список на веб-страницата на ДПМ, што не користи електронска пошта, воопшто не беше информирано за одржувањето на Вонредото изборно собрание, и покрај обврската на претседателот на Собранието преку други начини на комуникација да ги информира и да им ги достави материјалите за седницата.
Доказ за планираното и тенденциозно опстроурирање на Вонредното изборно собрание од страна на Кристина Николовска е и тоа што на денешната седница на беа повикани медиумите. Во ситуација кога ДПМ е во криза која е незапаметена во неговата историја, зачудува шо денес, на седницата не беше присутен ниту еден претставник на медиумите, поради што ги повикуваме на нивна будност имајќи го предвид значењето на ДПМ за македонската култура и македонската држава.
Сето она што Кристина Николовска со поддршка од Христо Петрески го подготвуваше изминатиот период, денес, на Вонредното изборно собрание резултираше со необезбедување присуство на поголем број членови на ДПМ, што намерно беше форсирано од нејзина страна од објавувањето на датумот на Вонредното изборно собрание наваму.
Денес, по изведување на планираното сценарио на Кристина Николовска што Христо Петрески го поддржа и со напуштање на салата на ДПМ петнаесет минути пред констатирање на бројот на присутните членови, претседалката на Собранието, Николовска:
– не овозможи дискусија и предлози од присутните;
– ги напушти просториите на ДПМ, без ни малку почит кон македонскиот писател и кон македонската книжевност;
– домот на македонските писатели го остави на техничко лице повикано од нејзина страна без некакви службени овластувања и без пишан правен документ да биде гарант за сето културно наследство во просториите на ДПМ.
Потоа, имајќи предвид дека ДПМ е дом на сите македонски писатели, мнозинството од присутните членови на Вонредното изборно собрание продолжија со дискусија и се донесоа заклучоците што се во продолжение.
Од Кристина Николовска се бара:
– итно да пристпи кон организација на продолжение на седницата на Собранието на 27 јануари 2024 година;
– итно да пристапи кон прочистување на списокот на ДПМ од починати членови и да овозможи јавен увид во списокот;
– според практиката што е применувана на претходните изборни собранија, а имајќи го предвид и оневозможувањето од страна на Кристина Николовска онлајн да гласаат членовите на ДПМ што живеат надвор земјата, тие да бидат изземени од Избирачкиот список поради утврдување на квориумот. Напоменуваме дека членовите што не живеат во земјата беа изземени од Избирачкиот список на сите претходни изборни собранија, вклучително и при изборот на Кристина Николовска и Христо Петрески во 2022 година, а не беа изземени само сега, поради сценариото на овие личности за целосно уништување на ДПМ.
Поради спас на ДПМ, членовите бараат лицата што веќе го имаат изгубено легитимитетот од членството и немаат поднесено никков извештај за нивната работа од стапување на функциите наваму – Кристина Николовска и Христо Петрески, веќе воопшто да не преземаат финансиски и правни дејствија во ДПМ.
Сето ова е заведено во записник воден во текот на дискусијата.
Ја известуваме јавноста дека од овој момент до продолжението на Вонредното изборно собрание, ДПМ не може да презема активности, што веројатно беше и цел на Кристина Николовска и Христо Петрески, поради обид за уништување на ДПМ.
Од овој момент натаму, секое соопштение испратено од официјалната адреса на ДПМ зад коешто стојат Христо Петрески и Кристина Николовска, освен соопштение во врска со продолжението на Вонредното изборно собрание се смета нелегитимно.
Кристина Николовска и Христо Петрески не им мислат добро на ДПМ, на македонската книжевност, на македонската култура и на македонската држава.
Во прилог го доставуваме и своерачно потпишаниот список на членовите на ДПМ присутни во текот на дискусијата на 25 ноември 2023 година, по минирањето на Вонредното изборно собрание од страна на Кристина Николовска. Потпишаните членови гласаа по заклучоците за коишто ја известуваме јавноста.