Утре членството на Друштвото на писателите на Македонија на вонредно изборно собрание ќе избира претседател на писателската асоцијација и претседател на Собранието. Кандидати се Блаже Миневски и Мирче Нешовски, откако Живко Грозданоски и Гоце Ристовски ги повлекоа своите кандидатури. За претседател на Собранието на ДПМ кандидати се Иван Антоновски и Стефан Марковски.
Живко Грозданоски ја повлекол својата кандидатура поради друг личен ангажман, а Гоце Ристовски се откажал од трката за претседател на ДПМ поради разединетост на членството, пренесува МКД.мк.
Во својата кандидатура Миневски пишува дека мисијата на писателската асоцијација треба да биде здружување на македонските писатели заради промовирање на книжевните достигнувања, заштита на авторските и на социјалните права на писателите, како и поддршка, стимулирање и промоција на нашата книжевност во светот.
„Затоа, меѓу другото, еден од приоритетите треба да ни биде и во нашата држава, во законската регулатива да постои професијата писател, што подразбира повеќе можности и поголема социјална сигурност за оние што своето Јас го остваруваат преку книжевноста – како што е регулирано во други држави. Но, сето ова не може да се реализира без финансиски средства, без организациски и без менаџерски ресурси. Затоа, на почетокот, веднаш сакам да кажам дека мојот евентуален избор за претседавач на новата управа е избор за промени со кои ќе се стори сè да се овозможат/обезбедат/создадат услови за редовно финансирање и други неопходни ресурси“, посочува во кандидатурата Миневски, истакнувајќи дека неговиот мандат ќе биде ограничен на една година.
За писателот и поет Мирче Нешовски македонските писатели денес, како никогаш досега, се поттурнати на најниското скалило, а се крши и нивниот македонски дух и им се одзема силата на креативниот потенцијал.
„Kај нас, авторите станале издавачи и успешни бизнисмени, а и прилепени се автори приврзани до нив, кои се фаворизирани и актуализирани во јавноста. И понатаму такви ли ќе ни ја водат писателската асоцијација!? Оние што, преку материјалистичка профаност, се заборавија, го заборавија творецот – автор. Тие се заборавија во вреднувањето на делото на творецот! Заборавија и на реалното и достојното вреднување и хонорирање на делото. Во сегментот на хонорирањето, авторите се крајно обесправени. Останати се назад пред сите земји во окружувањето, да не речеме за земјите од ЕУ“, наведува во својата кандидатура Нешовски.
Тој смета дека уривањето на Друштвото значи уривање на македонската национална посебност и во таа насока е неопходно посилно единство на македонските писатели.
Вонредно изборно собрание на ДПМ беше свикано откако во октомври писателот Христо Петрески двапати поднесе оставка од функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Претходно, поголемиот дел од претседателството на ДПМ поднесоа оставки поради незадоволството од работата на Петрески.