Ковачевски: С. Македонија е добра дестинација за странски инвестиции
„Северна Македонија е добра дестинација за инвеститорите да ги инвестираат своите пари. Нудиме макроекономска стабилност, две децении имаме стабилна валута, а воедно нудиме и добар атрактивен стимуланс кој важи за сите во земјата, како за странските, така и за домашните инветитори“. Ова е пораката на македонскиот премиер Димитар Ковачевски на Инвестицискиот самит за Западен Балкан 2022 година, што денеска се одржува во Лондон во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Инвеститорите поставуваат две прашања, прво е макроекономската стабилност, а второто е леснотијата на водење бизнис и инфраструктурата што постои во земјата. На првото прашање Северна Македонија на инвеститорите им дава стабилна макроекономска слика, нивото на инвестиции е 60 отсто од БДП, а и Стандард енд Пурс и Фич го потврдија стабилниот рејтинг на земјата и дека има стабилна иднина. Дури и во време на криза растеше вработувањето, а стапката на невработеност се намали. Стапката на инфлација во 2021 и покрај скокот на цената на електричната енергија е на ниско ниво“ – рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека земјава на инвеститорите им дава добар атрактивен стимуланс кој важи за сите во земјата, а тоа, како што рече, се однесува и на инвеститорите кои доаѓаат особено од автомобилската и ИТ индустријата.
„Нашата валута е стабилна и тоа всушност е столбот на макроекономската политика која со години ја одржуваме. Вака беше и во минатите две децении, а се надевам ќе биде така и во иднина. Важно е и тоа дека имаме рамна стапка на данок од 10 проценти, тоа важи за сите инвеститори, еден од најниските ДДВ од 18 отсто, лесни процедури за отворање на нови бизниси и усвоени прописи за дуално образование. Тоа е многу важно, бидејќи очекуваме голем дел од инвестициите да бидат во работно интензивните индустрии, а тука проблемот е недостатокот на работна сила, па затоа почнавме со дуално образование во повеќе школи во земјата што му помага на човечкиот капитал, но помага и на новите инвеститори да имаат пристап до обучена работна сила“ – потенцира Ковачевски.
Предност, според него, е и фактот на познавањето на јазиците и истата поддршка што им се дава на домашните и странските инвеститори.
„Програмите се многу транспарентни, а поддршката е насочена кон нови вработувања, соработката со домашните изведувачи, поддршка на компаниите кои имаат намера да воведат технолошки подобрувања што значи нова машинерија, нови процеси на спроведување на технологија, зголемување на продуктивноста. Сето тоа всушност создава опкружување во земјата кое што во економска смисла успеа да се добие после првата негативна година од пандемијата, така што во 2021 успеавме да ја подобриме економијата особено во вториот и во другите квартали. Според нашата анализа и анализата на меѓународните финансиски институции 2022 година има позитивен изглед. Од перспектива на стабилност земјата ќе оди натаму. Така што Северна Македонија е дестинација за инвеститорите своите пари да ги инвестираат таму“ – нагласи Ковачевски.