Курти: Србија да предложи посебен договор за учество на косовските Срби на изборите

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Србија треба да предложи посебен договор со кој на косовските Срби ќе им се овозможи учество на изборите на 17 декември во Србија, надвор од Канцеларијата за врски во Приштина.

Во писмото упатено до шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово, Мајкл Девенпорт, за кое пишува порталот Коха диторе, Курти вели дека договорот треба да дојде како предлог од Србија како заинтересирана страна „со почитување на суверенитетот и независноста на Косово“.

„И секое такво барање мора да се заснова на суверенитетот и независноста на Косово, како рамноправна држава, во согласност со член 2 од Основниот договор постигнат оваа година меѓу Косово и Србија“, се наведува во писмото на Курти до шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово.

Според него, покрај овие услови, Србија мора да преговара и за договор со Косово, во кој, како што рече, обврската од Основниот договор (на патот кон нормализација на односите) „да придонесе за добрососедските односи, врз основа на еднакви права и взаемно почитување на правата на избирачите во странство“.

Локалните и парламентарните избори во Србија ќе се одржат на 17 декември годинава, а Владата на Косово не дозволи да се гласа на Косово за изборите одржани во Србија во април 2022 година.