Столтенберг: Ситуацијата на бојното поле е сложена, Русија не планира мир – туку нова војна

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Русија планира нова војна и дека ситуацијата на фронтот во Украина е потешка од очекуваното.

„Мораме да разбереме дека ситуацијата на бојното поле е сложена. Русија не планира мир, туку нова војна“, рече Столтенберг на прес-конференција по средбата со летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс во Брисел.

Столтенберг изјави дека Русија се обидела да започне офанзивни операции околу украинските градови како Авдијевка и призна дека „факт е дека ситуацијата на бојното поле е посложена“ отколку што очекувала Алијансата.

„Тоа не е аргумент против поддршка, тоа е аргумент во корист на поголема поддршка за Украина, бидејќи, повторно, не можеме да дозволиме рускиот претседател Владимир Путин да победи“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО неодамна изјави дека војната во Украина може да се пролонгира бидејќи руската армија е цврсто вкоренета.

Во исто време, додаде тој, НАТО „знаеше дека Русија подготвува одбранбени линии со месеци“, но Украинците „можеа да постигнат успех и да ослободат повеќе територии“.

„Гардијан“ објави, повикувајќи се на изјави на западни претставници, дека ниту една страна во конфликтот не е способна да спроведе одлучувачка операција на копно.