
На црната листа на САД во Црна Гора е ставен и контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака кој во Македонија е актуелен со некои проекти во Тетово поврзани со актуелната владина коалиција СДСМ-ДУИ. Во образложението на америнакста влада за Дака се споменуваат и имињата на поранешниот генерален секретар на Владата во Македонија Драги Рашковски и поранешниот македонски премиер Зоран Заев.
Во одлуката на Стејт департментот пишува: „Неговите коруптивни активности ги овозможија напорите на Русија да ја компромитира независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучително и нејзините напори да влијае на изборните резултати. Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Драги Рашковски, главен соработник на поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев. Рашковски наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со премиерот Заев за да ги унапреди бизнис интересите на Давидовиќ…
Тој е одговорен или соучесник директно или индиректно вмешан во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучително и корупција од, во име, или на друг начин поврзан со влади во Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер на кое било ниво на власт во Западен Балкан, како што е злоупотреба на јавниот имот, експропријација на приватни средства за лична корист или политички цели или поткуп. Давидовиќ е одговорен или соучесник или директно или индиректно вклучен во акции или политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан“.
Скандалот поврзан со Дака во Македонија го обелодени ВМРО-ДПМНЕ во 2020 година. Партијата откри дека фирмата на која гласи земјиштето на ШИК „Јелак“ во Тетово, на кое беше предвидена изградба на над 2.000 станови и илјадници метри квадратни трговски и деловни објекти, е формирана во Панама под името „Адастра груп корп“. Нејзин сопственик е Давидовиќ Дака. Таа го купила фабриката ШИК „Јелак“, со обврска да ја рестартира. Но, тој со Заев, според тогашните наводи, имал друга бизнис шема.
Донесена е измена на Деталниот урбанистички план, со која на Дака му се овозможува да изгради бетонска џунгла среде Тетово. Земјиштето, доколку првично се продавало како парцела за станбени згради, ќе се продадело по многу повисока цена од таа по која го платил Дака. Така бил штетен буџетот на Македонија.
За овој скандал се појави и „аудио-бомба“ насловена како „Лепливи раце“ пред три години. Од оваа снимка се откриваат фрапантни сознанија и сомневања за криминал од меѓународни рамки во кој се појавува името на контраверзниот српски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, лидерот на СДСМ Зоран Заев и неговиот соработник и пријател Драги Рашковски, кого го именуваше за генерален секретар на владата
Снимката е дел од разговор меѓу Миодраг Давидовиќ Дака и Зоран Милески Кичеец, инаку осуден во корупцискиот скандал „Рекет“, кој кажува дека е пратен директно од Зоран Заев.
Потоа Милески го потсетува Дака дека му дал ветување на Рашковски дека е тука ако треба да заврши работа за референдумот за името. Очигледно Давидовиќ Дака е незадоволен бидејќи се чувствува изигран за парите кои ги дал од Зоран Заев и Рашковски бидејќи не го добил тоа што сака иако платил пари. Од разговорот се дознава дека Заев парите примени од Давидовиќ ги користел за инженеринг на референдумот за промена на името – „Не сакам да одам кај Заев за да платам повторно, за тој да го плати референдумот“, вели Дака.
За Миодраг Давидовиќ Дака медиумите во регионот пишуваат дека е личност со контроверзна улога, во прв ред во политичките случување во Црна Гора и Србија, а постојат сомневања дека е експонент на одредени руски кругови под контрола на тајните служби.
Давидовиќ 12 години бил финансиски раководител на железарата „Борис Кидрич“ кај црногорскиот град Никшиќ. Потоа во деведесетите години од минатиот век бил началник на Центарот за безбедност во Никшиќ и министер во Владата на Слободна (Српска) автономна област Херцеговина, во периодот на војната во Босна и Херцеговина.
По завршувањето на војната почнал да се занимава со бизнис. Во 1992 година го основал претпријатието „НЕКСАн“ кое се занимавало со трговија со нафта и алкохолни производи, а во два наврата тој и неговата компанија ја контролирале никшичката железарница. Имал обид да влезе и во политиката и бил кандидат за градоначалник на Никшиќ.
Во декември 2019 година имало обид за атентат врз ного во хотелот „Краун Плаза“ во Белград. Пред десет години бил и тешко повреден во физички напад со метални шипки.
Во одредени медиуми се споменува како финансиер на Демократскиот фронт во Црна Гора, чии лидери беа обвинети и судени за наводниот обид за пуч во земјата зад кој стоело руското воено разузнавање. Беше посочуван како добавувач на оружје на групата која на 16 октомври 2016 година планирала терористички напади на денот на парламентарните избори во Црна Гора. Најавувал и дека на претстојните претседателски избори сака да се кандидира за претседател на Црна Гора.
Давидовиќ бил апсен уште во 1997 година за наводни малверзации со Тутунскиот комбинат. Во 2009 година во медиумите се споменува како вмешан во фиктивен извоз на нафта кон Косово, но тие обвинувања обвинителството никогаш не ги потврдило.
Во гореспоменатото обвинение за малверзации со Тутунскиот комбинат, ја оштетил државната каса за 10,5 милиони тогашни германски марки. До судење не дошло затоа што тогашниот претседател на Црна Гора, Момир Булатовиќ, го аболирал бидејќи постоела опасност тој преку ваквиот притисок и компромитација да биде искористен како главен сведок во случајот за наводен шверц на тогашниот министер за внатрешни работи Филип Вујановиќ и директорот на државна безбедност Вукашин Мараш.
Компанија на Давидовиќ сега е посветена на градежништвото и гради згради во Будва, Котор, Никшиќ и Подгорица. Две илјади квадратни метри се споменуваат и во неговиот разговор со Кичеец.
„Ги знам тие ваши трикови. Јас ви дадов 300.000 евра и 2.000 квадрати, работата не е завршена, што сакате уште. Јас тебе (мисли на Кичеец) те исплатив и со тебе немам ништо“. На што Милески одговара дека има работа сега со Рашковски.
Медиумите во регионот пишуваат дека Давидовиќ бил кум на првиот претседател на Црна Гора Момир Булатовиќ и бил во сериозен конфликт со Мило Ѓукановиќ.