Алијанса на претстојните избори нема да оди со заеднички листи со ДУИ, рече Таравари

Последната одлука на партиското раководство на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) е на претстојните избори да настапат самостојно.

Ова денеска го изјави лидерот на АА, Арбен Таравари на новинарско прашање околу понудата на Али Ахмети за настап на Алијанса и ДУИ со заеднички листи на претстојните избори.

– Засега последната одлука на партиското раководство е на избори да одиме самостојно. Сепак оваа одлука треба да помине и на централното собрание што ќе се одржи до крајот на оваа година, некаде во декември. Дефинитивно, Алијанса за Албанците нема да оди со ДУИ со заеднички листи и тоа му го повторив на последната средба на Ахмети. Се подготвуваме за самостоен настап и го мобилизираме членството. Тоа е мој и став на претседателството, а дали ќе се смени, тоа ќе биде јасно по седница на највисокиот орган на партијата – рече Таравари.

Околу прозивките дека прави раздор и оживува идеи кои не и носат добра иднина на државата, Таравари напомена дека како политичар има право да размислува и да артикулира решенија, а едно од можните е да се изгласаат уставните измени.

„Јас потполно се согласувам со претседателот Пендаровски кога вели дека ни треба нов устав и да се редефинираме како општество. Многу ни е важно да обезбедиме подобра иднина и просперитет“ – вели Таравари.