Финансиски санкции против Русија – руски банки се исклучуваат од системот SWIFT
Западните сојузници се согласија за нови финансиски санкции против Русија, поради нејзината инвазија врз Украина, вклучително и преземање на клучната акција за исклучување на голем број руски банки од меѓубанкарскиот систем SWIFT.
„Тоа има за цел да ги отсече овие институции од меѓународните финансиски текови, што масовно ќе ги ограничи нивните глобални операции“ – се вели во соопштението на портпаролот на германската влада.
Шефицата на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен синоќа нагласи дека Брисел ќе предложи замрзнување на средствата на руската централна банка, како засилени санкции против Москва по инвазијата врз Украина. Таа рече дека ЕУ ќе отстрани „одредени“ руски банки од платниот систем SWIFT, како одговор на клучното барање на Киев.
Во соопштение од Белата куќа се вели дека во соработка со Европската комисија, Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Канада, САД го поддржуваат исклучувањето на „избрани руски банки“ од SWIFT, високата безбедносна мрежа која поврзува илјадници финансиски институции ширум светот и вети напори за „колективно да се осигура дека оваа војна е стратешки неуспех за Путин“.
„Со ова Руската централна банка ќе биде блокирана да ги користи своите странски резерви и со тоа да го ублажува ударот од санкциите“ – се вели во изјавата.
Според американски официјални лица, санкциите кои се очекува да бидат спроведени во текот на идната недела, ќе предизвикаат „слободен пад“ на рубљата, нагорна инфлација во руската економија, а земјата ќе се соочи со отежнат увоз и извоз на стоки.
„Падот на рубљата најверојатно ќе предизвика инфлаторна спирала со што ќе бидат погодени обичните Руси, не само руските елити кои се цел на првичните санкции. Како резултат на нарушената економија Путин може да се соочи со масовни политички протести“ се информациите.