Вучиќ: Зголемување на пензиите за 14,8 отсто од 1 јануари

Во Смедерево денеска се одржа третиот предизборен собир на листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“. На средбата зборуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Имено, лидерот на Србија најави зголемување на пензиите, како и помош на највозрасните граѓани, но и на корисници на социјална помош.

– 20.000 динари ќе одат за пензионерите на 30 ноември. Од први јануари нови 14,8 отсто зголемување на пензиите. Пензиите мора да бидат во чекор со платите, а вие ќе бидете уште посреќни. И сето тоа можеме да го изгубиме за еден ден – рече тој и додаде:

– На 1 декември 10.000 динари одат кај корисниците на социјална помош.

Тој посочи дека тој е претседателот кој работи за народот и вели дека граѓаните нема да гласаат само за пратенички листи, туку за или против Вучиќ.

– Нема да напаѓаме ничии мајки, татковци и деца, за нас семејството е свето. И тие нападнаа. И затоа сакаме пристојна и нормална Србија, затоа сакаме да ги победиме поубедливо од било кога. Најважно е да покажеме загриженост, луѓето да видат каде оди државата. Затоа, српски домаќини и драги дами, ве замолувам да влијаете на членовите на семејството, и на 17 декември да го победите Драган Ѓилас и сите негови списоци – вели претседателот Вучиќ.