Разрешувањето на претседателот на каваречкиот суд Лазар Нанев од челната позиција во Советот за Информатичко комуникациска технологија дополнително ги продлабочи разликите меѓу министерот за правда и судскиот совет.
Членовите на Судски – Лорета Георгиева и Миљазим Мустафа вчера се повлекле од Советот за ИКТ. Во оставките испратени до министерот за правда Кренар Лога, тие застануваат на страната на Нанев и напишале дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно. Мустафа истакнал и дека е горд што бил член на ова тело што ги поставило темелите на дигиталното судство, пренесе тв Телма.
-Советот на ИКТ дејствуваше како тим со неговиот претседател Лазар Нанев и заменичката проф. д-р Гордана Лажетиќ и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество, напишала во оставката Лорета Георгиева, член на Судски совет.
-По разрешувањето на претседателот на ИКТ од страна на министерот за правда Кренар Лога и изнесените инсинуации за неправилно работење на Советот на ИКТ, како и по тврдењата на ресорниот министер за реформирање на истоимениот Совет, нецелисходно е понатаму да се биде член во ова тело, пишува Миљазим Мустафа, член на Судски совет.
Министерот Лога за телевизијата вели дека оставките се беспредметни затоа што уште на пресот кога го објави разрешувањето на Нанев најавил дека идната недела ќе донесе одука за целосно нов состав на Советот за ИКТ за што веќе се прават и консултации.
Не е прашање составот на ИКТ, тоа е веќе минато. Големото прашање е дали почитуваните колеги од Судскиот совет конечно ќе постапат законски во однос материјалите кои ги имаат пред себе повеќе месеци со надеж дека ќе застарат, вели Кренар Лога.
На прес-конференцијата во понеделеникот Лога ги повика членовите на судски да отворат постапката за утврдување на одговорност на Нанев затоа што изминатиот период во Судски пристигнале дописи од Советот на јавните обвинители и Вишото јавно обвинителство Скопје со сериозни наводи за интегритетот и работата на Нанев како судија и претседател на Основен суд Кавадарци.
Комисија за надзор од Министерството за правда вчера беше во контрола на функционирањето на АКМИС системот во кавадаречкиот суд.