Хрватски министер учествувал во сообраќајна несреќа во која едно лице загина

Хрватскиот министер за одбрана, Марио Баножиќ утрово доживеа сообраќајна несреќа во која едно лице загина.

Министерот управувал со лично возило кое налетало на комбе. Возачот на комбето загинал, дознава хрватскиот портал Телеграм.

Како што потврди Фабијан Капулар, началник на смена на полициската управа Вуковар-Срем, несреќата се случила во 6 часот и 15 минути, на излезот од Винковци во правец кон Жупања.

Марио Баножиќ е пренесен во болница“, изјави Капулар, но не знаел детали за здравствената состојба на министерот Баножиќ и сериозноста на неговите повреди, пренесува Индекс.хр.

„Утрово во 6:15 часот е пријавена сообраќајна незгода на државниот пат ДЦ-55 на излез од Винковци кон Жупања, во која учествувале комбе и приватно возило. Возачот на комбето загинал во сообраќајна незгода, додека возачот на приватно возило (државен службеник) поради здобиените повреди е пренесен во Жупаниската општа болница Винковци“, наведуваат од полицијата.

„Истрагата што ја води заменикот на жупаниското државно правобранителство во Вуковар е во тек. Од 08:15 часот таа делница од државниот пат број ДЦ-55 (Винковци-Жупања) е затворена за сообраќај“, додаваат од полицијата.