Разбојник со пиштол ограбил поштар кај Мостар

Во градот Полог, меѓу Мостар и Широки Бријег, се случил грабеж врз работник за брза пошта на „Хрватска пошта Мостар“, дознава „Аваз“.

Според досегашните информации, 20-годишниот вработен во пошта практично бил намамен од непознат маж, на кого требало да му достави пакет, а кој го чекал во селото Овојци.

Меѓутоа, кога поштарот со своето службено возило дошол до местото, пред него излетал маскиран маж, му вперил пиштол во главата и му наредил да ги предаде сите пари што ги има.

Откако го направил тоа, разбојникот, како што дознава Аваз, побегнал со плен вреден 2.200 евра.

Од поштарот одзел и два мобилни телефони и клучевите од службеното возило и додека се оддалечувал пеш испукал неколку истрели во воздух.

Дека грабежот се случил потврдиле и од Обвинителството на Херцеговина-Неретва кое наредило да се поведат сите потребни истражни дејствија.

На терен има бројни полициски екипи кои трагаат по сторителот.