(Видео) Мухиќ: Сигурно 90% од судиите се чесни, но првиот кој би се осмелил да открие се, би настрадал!

„Секогаш велам дека оние што велат што на ум – тоа на друм, со тоа се фали непромислен или непристоен човек. Мора да постои кај разумен човек што личи, а што не личи да се каже“ – вели универзитетскиот професор, академик Ферид Мухиќ во најновото издание на Трилинг.

На прашање дали се чувствува изневерен по „Шарената револуција“, дали може да се каже дека правдата е задоволена откако застареа предметите што произлегоа од прислушкувањето, Мухиќ вели „револуција е целосен пресврт. Барањата не беа револуционерни, барањата беа за промени, за да се исправат постоечките неправди, недостатоци на тогашната власт. Ова што сега се случи е големо разочарување. Застареа многу случаи на клучните фигури, секако дека тоа е големо назадување, зад тоа стои некаков договор“.

„Сигурно 90% од судиите се чесни, но првиот кој би се осмелил да открие се, би настрадал. Кога судството наеднаш со цврска волја би рекло не на притисоците, притисокот би престанал да постои. Имаме организиран репресивен систем на судска власт“ вели Мухиќ.

Професорот смета дека „ова е најлошиот извештај од Брисел, и тој извештај би можел да биде и поостар. Но дали може да биде аргумент да се заборави дека Бугарија врши сериозен притисок – не. И кога ќе бидеме во позиција да добиеме позитивен притисок, Бугарија ќе сака да каже дека ќе видат дека се зависи од нас“.

„Се краде на големо кај нас“ – смета професор Мухиќ, и вели „по сите показатели сме најсиромашни во Европа, крадат и крадат, значи станува збор за психопатолошка навика од која мораме да ги оттргнеме што поскоро“.

„Ќе настојуваат да се направи бугаризација, мислам дека не може национална супстанција да се промени, никакви договори и притисоци. Ќе бидеме Македонци и ќе биде Македонија, а викајте не како сакате. Лулка на Европа е Балканот, ќе останеме тука, но ќе се приклучиме на ЕУ. Ќе останат Македонците“ смета академикот.

За идната изборна 2024 година тој смета дека „динамиката зависи што ќе се реши во албанскиот блок, како ќе се ситуираат односите меѓу ДУИ и алтернативните партии. Кој и да победи тензиите ќе останат, но дали ќе успеат партиските номенклатури да испливаат неоштетени, само да се прерасподелат е прашање. Не очекувам радикална промена која би одела на подобро. Не очекувам ни попуштање на внатрешните односи, поларизирани“.