Васил Терзиев, кандидатот на реформистичката прозападна коалиција Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија победи во клучната трка за градоначалник во главниот град Софија, покажуваат резултатите на 6 ноември.
Васил Александров Терзиев е бугарски бизнисмен и инвеститор во технолошки компании, ко-основач на софтверската компанија Телерик. Денеска и официјално Терзиев победи на изборите за градоначалник и беше избран за 65. градоначалник на Софија.
По пребројувањето на 99,78 отсто од гласовите, Терзиев доби 48,17 отсто од гласовите, додека Вања Григорова, кандидатот на проруската коалиција предводена од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и левичарската партија Левица, доби 46,92 отсто од гласовите.
Ниту Терзиев, ниту Григорова не успеаја да го минат прагот од 50 отсто во минатонеделниот прв круг.
Кандидатот на централно-десничарската партија на поранешниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, не успеа да стигне до вториот круг, со што заврши 18-годишното држење на градоначалничката функција на централнодесничарската партија на Софија.
Борисов ги повика поддржувачите на ГЕРБ да гласаат за Терзиев.
ГЕРБ и Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија – исто така позната како ПП-ДБ учествуваат во коалицијата што ја поддржува владата на премиерот Николај Денков.
ПП-ДБ е нова антикорупциска коалиција која не успеа да победи на последните национални избори на 2 април.
ГЕРБ, која владееше со Бугарија од 2009 година, победи на националните избори, но не успеа сама да добие доволно поддршка за да формира влада, што доведе до коалиција со опозициската ПП-ДБ.