Почина легендарниот кошаркарски тренер Јанко Луковски

Почина Јанко Луковски – еден од легендарните македонски кошаркарски тренери. Тој последни две децении живееше во Нови Сад, каде ја основаше сопствената кошаркарска школа „Спорт Ки“.

Јанко Луковски потекнува од школата на КК Работнички, каде што прво успешно настапуваше како играч, а потоа извесен период и го предводеше овој тим од клупата.

Со Луковски како кормилар, тимот од „Градски парк“ го остварува најголемиот успех во Ју-кошарката, а тоа е третото место во првенството на СФР Југославија во сезоната 1991/92.

Луковски во периодот од 1982 до 1986 година беше дел од стручниот штаб на кадетската репрезентација и младата репрезентација до 21 година на СФРЈ, каде имаше можност да работи со Дражен Петровиќ, Здовц, Паспаљ, Пецарски, Цвјетичанин, Перасовиќ, Сретеновиќ.

Тој пред неколку години беше советник во младинската школа на МЗТ Скопје, но и на КФМ.

Почина на 77-годишна возраст.