Косово со санкции кон Русија
Владата на Косово денеска одлучи да воведе санкции кон Русија, поради нејзината агресија врз Украина. Премиерот Албин Курти изјави дека, со денешната одлука за санкции кон Москва, Косово се приклучува на своите партнери, како што се САД и ЕУ.
Курти рече дека реакцијата на Косово на руската окупација во Украина треба да се гледа и како порака за политичката и дипломатската ориентација на неговата држава.
„Денеска им се придружуваме на нашите партнери, со контра-одговор на воената агресија на Русија, на тој начин што усвоивме пакет санкции кон неа. Ова не е прв пат Косово да воведе санкции кон Руската Федерација. Оваа Русија која ја гледаме денес не е некоја нова Русија и е предупредување дека не сака да биде нова Русија. Затоа одговорот на западниот и демократскиот свет треба да биде едногласен и решителен. Нашата брза и безрезервна реакција на руската окупација на Украина треба да се чита како јасна порака за нашата политичка и дипломатска ориентација“ – рече Курти.
Санкциите опфаќаат замрзнување на банкарските средства и на финансиските емисии, забрана за пристап до финансиските пазари и други соодветни мери кои се однесуваат на значајни руски фирми, на елитите и политичките актери кои се инволвирани во донесувањето на одлуката за руската агресија врз Украина, потенцираа од косовското МНР.