Црна Гора догодина ќе го лансира својот прв сателит Luča во вселената

Премиерот на Црна Гора во заминување, Дритан Абазовиќ, најави дека првиот црногорски сателит Luča ќе биде лансиран во 2024 година.

Владата на Црна Гора на вчерашната седница утврди предлог за финансирање на проектот Luča со кој целосно се покриваат неговите трошоци“, напиша тој на социјалната мрежа Х.

„Како што ветивме претходно, Црна Гора ќе има своја вселенска програма и ќе се приклучи на редот на најмодерните земји кои создаваат нова вредност, што ќе нè направи регионални лидери на ова поле“, додаде тој. Тој посочи дека сателитот ќе има едукативен и истражувачки карактер, а освен носителот на проектот, собраните податоци ќе ги користат и факултетите, професорите и студентите, пишува порталот CDM.

„Ќе биде опремен со камера, сензори за мерење на соларни честички и анализа на соларни бури. Сензорите ќе мерат температура, радијација и ќе бидат корисни за нашите научници, но и за сите граѓани на Црна Гора. Им честитам на нашите млади луѓе од Montenegro Space, како и Министерството за финансии на чело со Александар Дамјановиќ за разбирање на важноста на овој. Филипе, Нина и Никола – верувајте во себе и само небото е граница“, заклучи Абазовиќ.

Инаку, Абазовиќ уште во јануари годинава како претседател на техничката влада најави дека неговата земја првпат во својата историја ќе лансира вселенска програма.

„Сигурен сум дека оваа информација ќе предизвика потсмев, за некого можеби е предмет на мемиња, но работата е сериозна и со задоволство ви ја пренесувам“, рече тој по тој повод на владината седница.

Тогаш тој посочи дека паралелно со лансирањето на вселенската програма, во тек е и развој на сателитот Luča, кој во иднина треба да биде лансиран во вселената.

„Се надевам дека во догледна иднина, се надевам дека во 2023-2024 година, нашата Luča ќе биде во орбитата како сателитите на другите земји“, рече тој.