Поради непочитување на мерките за замрзнување на цените два струшки маркета казнети по 3.200 евра

Поради непочитување на одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти, два маркета од Струга добија парични казни по 3.200 евра, а еден и забрана за работа.

Пазарниот инспекторат во Струга изминатиов месец спроведува засилени контроли за крајните продажни цени во маркетите. Оттаму велат дека дел од трговците не ги намалиле за 10 отсто пијалоците, овошјето и зеленчукот, а во повеќето случаи не биле јасно обележани производите со налепница за загарантирана цена.

„По одлуките на Владата извршени се вкупно 45 надзори со записник и издадени се два платнени налози во вредност од 6.400 евра. Инспекторите се постојано на терен работиме и со прекувремени часови. На сила се три одлуки на Владата и апелираме до граѓаните да пријавуваат нерегуларности“, изјави Шпенди Илјази, раководител на Пазарниот инспекторат во Струга.

Поплаките на граѓаните се сè побројни оти неретко среќаваат производи кои не се со намалена цена, но велат дека и ако се почитува одлуката на Владата тешко се живее.

„Навистина тешко се живее со пензија од нецели 15 илјади денари. Цените многу се кренаа, а пари нема. Со ваков раст на цените пензиите мора да се покачат“, вели пензионер од Струга.

Владата на 18 септември донесе одлука за воведување гарантирани цени на 25 основни прехранбени производи, која важи до 31 декември. Од Владата најавија нов пакет антикризни мерки од следниот месец.