„Ние не учествуваме во креација на проблемот меѓу Русија и Украина, но сме држава членка на НАТО и треба да имаме став. Нашиот став е принципиелен, и застануваме на страната на Украина“. Ова го изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на тв Канал 5.
„Ние отсекогаш сме биле за дипломатско решение и секогаш ќе поддржиме дипломатско решение што поскоро да прекинат борбите, тоа ќе е подобро и за Украина и за Русија, но и за светскиот мир. Мислам дека е важно што поскоро да се направи формат за разговори кои ќе ја прекинат војната бидејќи барем ние на Балканот знаеме што значи војна и знаеме кои се последиците и колку луѓе загинаа во нашиот регион. Ние сме за мир и за мирно решение“ рече Маричиќ.
Тој напомена дека стоиме во солидарност со народот на Украина и како држава подготвени сме да помогнеме во овие тешки моменти.
„Сто проценти целосно се усогласивме со заедничката надворешна безбедносна политика на ЕУ по овие одлуки. Овие одлуки подразбираат и таргетирани се санкции кон 27 правни и физички лица, но исто така и кон поголем број политичари во Русија, а подразбира и замрзнување на нивните сметки, забрана за патување итн“ – додаде Маричиќ.
Напомена дека наша определба е, бидејќи сме НАТО членка која го почитува територијалниот интегритет на Украина и дава поддршка, да ги следиме и да се координираме со одлуките на Алијансата.
„Ние не сме неутрални, ние сме држава членка на НАТО и избор на секоја држава е како ќе се определи во својата надворешна политика. Несоодветно е да се почнува таква брутална војна во 21 век на тлото на Европа, тоа може да има сериозни импликации и последици и за државите околу“ смета Маричиќ.