Лајчак: Дојдовме со план во Приштина, дискутиравме со Курти, ќе разговараме и со Вучиќ

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој ја предводи петчлената европско-американска делегација која допатува претпладнево во Приштина, потврди дека во Косово дошле со план и дека за истото разговарале и со премиерот Албин Курти.

Лајчак рече дека за тој план во Србија ќе се разговара и со претседателот Александар Вучиќ, меѓутоа рече дека повеќе детали не може да се соопштат.

Словачкиот дипломат изјави дека дијалогот нема алтернатива и нагласи дека нападот што на 24 септември го изведе српска вооружена група во Бањска, во северно Косово, многу ги променил работите.

– Секогаш имаме план, имавме план, разговаравме за нашиот план со господинот Курти. Ќе разговараме за тоа со господинот Вучиќ. Нема да навлегуваме во повеќе детали. Дијалогот нема алтернатива. Нападот во Бањска промени многу работи. И јас бев многу јасен дека сторителите мора да се соочат со последиците. Дијалогот мора да продолжи, изјави Лајчак.

Нападот на 24 септември во Бањска, каде што беше убиен наредникот Африм Буњаку, според европскиот емисар, докажа дека нормализацијата и деескалацијата се повеќе од итни, а на лидерите на двете држави им порача дека условите и одложувањата за нормализација се неприфатливи.

– Внимателно го ислушавме Курти и неговата загриженост за безбедноста на Косово. Терористичкиот напад врз косовската полиција од вооружени лица претставува преседан. Го осудивме нападот од 24 септември. Јасно кажавме дека виновниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка на Србија по ова прашање. Нападот покажа дека нормализацијата и проширувањето се поитни од кога било. Условувањата и одложувањата се неприфатливи и очекуваме Косово и Србија да се придржуваат до обврските од дијалогот. Нападот не го менува фактот дека Косово и Србија постигнаа договор претходно оваа година, додаде Лајчак.