Гвардиола: Халанд треба да ја добие Златната топка

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола изјави дека Ерлинг Халанд заслужува да ја освои Златната топка за најдобар играч во 2023 година.

Халанд постигна 52 гола на 53 натпревари оваа година за да му помогне на Сити да ја освои тројната круна. Норвежанецот е еден од 30-те кандидати за освојување на Златната топка, која ќе биде доделена на 30 октомври.

„Халанд би требело да ја освои. Да. Ја освоивме тројната круна, а тој постигна 50 милиони голови“, изјави Гвардиола, а пренесува Би-би-си.

Фудбалерот на Интер Мајами, Лионел Меси важи за најголем фаворит за освојување на Златната топка.

Аргентинецот е рекордер со седум престижни награди и беше еден од најзаслужните за освојувањето на Светското првенство во декември минатата година, додека беше играч на Пари Сен Жермен.

Гвардиола, кој своевремено беше тренер на Меси во Барселона, верува дека 36-годишниот фудбалер заслужува сопствена категорија.

„Златната топка мора да биде од два дела. Еден за Меси, а еден за останатите. Најлошата сезона за Меси е најдобра за другите“, изјави Гвардиола.

Халанд сезонава постигна осум гола на 12 натпревари, а последен пат беше стрелец на 23 септември во победата против Нотингем Форест (2:0).