Во шест од 13 периферии и во 84 од 332 општини, меѓу кои и Атина и Солун, денеска се одржува вториот круг од локалните избори во Грција, откако минатата недела ниту еден од кандидатите во конкретните региони и општини не ги доби потребните над 43 отсто од гласовите, јави дописничката на МИА од Атина.
Гласачките места се отворени од седум часот утрово до 19 часот, а првичните официјални резултати од Министерството за внатрешни работи надлежно за изборниот процес, се очекуваат час до час и половина по завршувањето на гласањето, односно околу 20-20. 30 часот по локално време.
Во општина Атина, во вториот круг влегоа актуелниот градоначалник Костас Бакојанис, поддржан од владејачката Нова демократија и Харис Дукас, кој има поддршка од ПАСОК и СИРИЗА.
Минатата недела имаше особено мала излезност во Атина, гласаа само 32,32 отсто, а Бакојанис победи со 41,35 проценти, но недоволно за да добие втор мандат во првиот круг, додека пак Дукас доби 14,19 отсто од гласовите.
Во втората најголема грчка општина, во Солун, за градоначалничката позиција се борат актуелниот градоначалник Костантинос Зервас од Нова демократија и независниот кандидат Стелиос Ангелудис, чија разлика минатата недела беше помала од два отсто.
Во минатонеделниот прв круг беа избрани седум префекти и 248 градоначалници, кои освоија над 43 отсто од гласовите, а излезноста во земјата беше 52,5 отсто.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во петокот од Лариса рече дека минатата недела граѓаните „испратија политичка порака и на сите гласачки места во целата земја, ја потврдија нивната доверба за Нова демократија“.
Префектите и градоначалниците во Грција одново ќе имаат петгодишен мандат како што важеше во периодот 2014-2019 година, а ќе стапат на функција на 1 јануари 2024 година, која ќе ја извршуваат до 31 декември 2028 година