Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Христо Петрески денеска ја повлече оставката која ја поднесе на 9 октомври и за која тогаш рече дека е неотповиклива и ја поднесува од здравствени причини.
Денеска, на Фејсбук страната на Друштвото стои објава потпишана од него дека ја повлекува оставката бидејќи „истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани“.
Петрески беше избран на оваа функција во мај 2022. Минатата недела, осум од девет члена на Претседателството на ДПМ поднесоа оставки: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска , Александра Јуруковска и Бранко Цветкоски.
Во објавата од 9 октомври стоеше дека Петрески дава неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите. Ако денеска се погледне таа објава од 9 октомври, се забележува дека е избришан зборот „неотповиклива“.
Во реакцијата на Претседателството по оставките на членовите, стоeше дека пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото.
Но, дел од членовите бараат да се свика Собрание на ДПМ и да се избере ново раководство.
„Ние, македонските писатели, нема да дозволиме да продолжат обидите за држење во заложништво на Друштвото на писателите на Македонија! По кусото и неконцизно обраќање на претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, јавно ја повикуваме веднаш да престане со манипулациите! За Вонредното изборно собрание закажано за 25 ноември 2023 година, мора да се распишат избори за: претседател на Друштвото, претседател на Собранието, членови на Претседателството и членови на другите тела на ДПМ. Секакво подигрување без да се распишат избори за сите раководни позиции и за членови во другите органи во ДПМ ќе претставува обид за продолжување со самоволието и насилието, кои му го одзедоа достоинството на ДПМ. Македонскиот писател мора да го искаже својот став! На ДПМ му треба систем од вредности!“, реагираат група писатели на социјалните мрежи.