Европската унија мора да покаже поголема грижа за регионот. На претстојниот декември самит Европскиот Совет има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на западен Балкан, наместо да го одложува тоа прашање за по европските избори, порача претседателот Стево Пендаровски на регионалната конференција „Интеграција на земјите од западен Балкан во ЕУ-предизвици и перспективи”, што се одржува денеска во Скопје.
Пендаровски рече дека е неспорно оти со кандидатскиот стаус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија, во исклучително тежок период и тоа е добро, но, како што истакна, на Западниот Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
Базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, претседателот Пендаровски рече дека Унијата започнала да наликува на НАТО.
„Ако ЕУ навистина има амбиции да биде геополитички играч мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на западниот Балкан“, рече Пендаровски.
Потенцираше дека динамиката на проширувањето на ЕУ не смее да зависи од кризи, како и дека актуелните случувања во Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања и невралгичните точки што имаат потенцијал да го дестабилизраат нашиот регион, а преку него и самата Унија.