Хакиран сајтот на албанската разузнавачка служба

Група руски хакери ја нападнале и блокирале Интернет страницата на албанската разузнавачка служба ШИШ, јави Топ чанел.

Извор од ШИШ потврдува дека станува збор за напад што не дозволува пристап до официјалната веб-страница. Според изворот, нападот е извршен само на Интернет страницата која не е поврзана со серверите или архивата на службата, додава телевизијата.

Телевизијата наведува дека нападот го презела „ИТ Армијата на Русија“ (IT Army of Russia) која имала “директни врски со руското разузнавање“.

Во нивната објава тие наведуваат: „Добра вечер, кибероружје! Продолжуваме со нашата скромна работа за Албанија. Се обидуваме да ја урнеме Државната разузнавачка служба – официјалната државна полиција на Република Албанија“, пренесува Топ чанел.

Овој напад следи по кибернападите од страна нa иранската група „Татковинска правда“ во јули и септември минатата година, кога беа хакирани владините сајтови, вклучително и на Министерството за внатрешни работи, по што Албанија ги протера иранските дипломати од амбасадата во Тирана.