Пристигнаа евакуираните македонски граѓани од Израел

Македонските државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Авионскиот превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, беше организиран согласно одлуката донесена од страна на Владата, заради евакуација на сите државјани на Република Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Македонија.

Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Македонија.

– Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Македонија, се наведува во соопштението од Владата.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера на прес-конференција информира дека од Израел досега се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош, а за денеска, како што кажа, се очекува да бидат вратени уште 90 граѓани.