Ковачевски: Изборите ќе бидат редовни

„Нашиот став по однос изборите е јасен, тој е договорен и апсолвиран. Изборите ќе бидат редовни, а по однос на тајмингот може да се разговара, согласно роковите во Собранието. Претставниците на поличките партии нека седнат и на работно ниво нека разговараат за деталите“ повтори денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашања на новинарите.

Тој појасни дека во процедура е измената на Изборниот законик, дека во рамки на работна група на Министерството за правда е дискутирано со експерти и претставници на политичките партии, со исклучок на претставници на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, за која посочи дека таа опозициска партија не учествува во ништо.

– Законот согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР е веќе во финална фаза. Него ќе го разгледуваат политичките партии и на работно ниво. Претседателот на Собранието веќе одржа координација со претставниците на сите пратенички групи, ги информираше за датумите кога би можеле да се случат изборите, ќе може да се седне и на такво ниво веќе почне да се договараат деталите оттаму што се работи на ниво на работни материјали и работни групи кои тоа треба да го направат, рече Ковачевски.