Се огласи Маричиќ, демантира дека испраќал бакнежи кон Стојаноска
Пратеничката Дафина Стојаноска денеска од говорницата во Собранието на сесијата пратенички прашања го обвини вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ дека и испраќал цинични бакнежи и намигнувања, на што веднаш реагираше владиниот функционер со демант на социјалните мрежи.
„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал било каква комуникација ниту сум ѝ испратил било каква вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа.
Дефина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации.
Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор“, напиша Маричиќ на социјалните мрежи.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, предизвика хаос во Собранието откако го обвини Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи и намигнувања од неговото пратеничко место.
„Како не вие срам, ужас сте. Нека ве сликаат како праќате бакнежи. Лигав еден. Вака може да се однесувате само дома, бакнежи и намигнување само дома вицепремиеру“, почна да вика Стојановска од говорницата, по што настана метеж.