Нови перспективи за бегството на Груевски: Дали власта му дала амин на патот кон Будимпешта?

Одново се отвори прашњето како Груевски избега во Будимпешта и дали власта му дала „амин“ за овој чекор.

Конфликтот меѓу сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот претходник Никола Груевски ја воскресна и дебатата околу бегството на поранешниот премиер Груевски, кој ја напушти државата и побегна во Унгарија непосредно пред да замине да отслужува затворска казна по правосилната пресуда во случајот „Тенк“, а на оваа тема објавува Фокус.

Мицкоски и Груевски си разменија тешки обвинувања, но и ниски удари за печатни грешки и лажни солзи!

Ако во изминативе години имаше своевиден завет за молк во ВМРО-ДПМНЕ во однос на поранешниот лидер, особено во врска со неговото бегство во Будимпешта, околу кое претставниците на опозициската партија главно одбиваа да се произнесуваат, тоа очигледно се промени по јавната конфронтација Мицкоски-Груевски.

Во врска со тоа, говореше партискиот потпретседател Александар Николоски на ТВ Шења, кој одговарајќи на прашањето и забелешката зошто сега се чудат дека Груевски бил на „линија“ со власта, кога истата оваа власт го пуштила да побегне од државата, одговори.

„Ние јавно побаравме од Оливер Спасовски да поведе истрага и да каже како полицијата дозволила ова да се случи и побаравме од Вилма Русковска да поведе истрага. Направија истрага која не даде документ во јавност што може да ја потврди вашата теза дека структури на власта може биле вклучени во таква работа. Да не е така, власта ќе излезеше со истрага и извештај дека не е така“.

Во меѓувреме, на оваа тема говореше и довчерашниот висок функционер на ДУИ Изет Меџити, кој во меѓувреме ја основаше опозициската Демократско движење. Тој за бегството на Груевски ја конкретизира одговорноста, од причина што прстот не го вперува генерално во власта, туку кај поранешните сопартијци и Али Ахмети.

–Зошто Груевски наместо од Македонија, преку Србија да стигнеше во Унгарија, отиде преку Албанија? Другата дилема е зошто Сашо Мијалков е баш во затворот со кој управува ДУИ? – рече Меџити на ТВ 21, аргументирајќи ја тезата дека одамна постои соработка меѓу ДУИ и Ахмети со поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно двоецот Груевски-Мијалков.

Лидерот ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, пак, отиде чекор понатаму, истакнувајќи дека бегството на Груевски било во соработка со највисоките структури на домашната власт, но и со разузнавачките служби на НАТО и западните партнери.

–Мицкоски и неговите мислат дека ако држат дистанца од Груевски така ќе дојдат полесно на власт, не сфаќајки дека Груевски никогаш не бил антиамерикански и антиевропски распсоложен и никогаш не бил проруски. И нема зошто западните земји од евроатланската алијанса да сакаат да го уништат. И како не им е јасно дека неговото бегство беше веројатно организирано – рече Јакимовски на Инфомакс.

Тој прашува како може Груевски да помине преку 2 земји-членки на НАТО и да влезе во трета земја членка на НАТО без за тоа, како што посочува, да знаат највисоките структури на домашната власт, разузнавачките служби на НАТО итн. Според него, приказната меѓу Груевски и Западот не е завршена.

–Како не му е јасно на Мицкоски дека тие му го организираа бегството. И дека приказната со Груевски во однос на западната земји не е завршена. А за среќа приказната на Мицкоски со западните партнери е завршена. Тоа е разликата меѓу нив. И ако е точно дека СДСМ побарал разговор со Груевски и ако е точно дека западните земји сметаат дека подобро да разговараат со Груевски отколку со Мицкоски, треба да се фати за уво – истакна Јакимовски.

Инаку, „Фокус“ на 24 август 2018 година ја објави сторијата со наслов „Дали власта ќе го пушти Груевски да избега во Унгарија, ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот со Грција“. Веќе на 13 ноември, тој се јави дека е во Бидумпешта, откако во меѓувреме Мијалков беше исклучен од партијата со обвинување дека влијаел врз вмровски пратеници да ги поддржат уставните измени.