Бектеши: На 10% намалена царината на дел од овошјето и зеленчукот, зголемни квоти за увоз на јужно овошје
„Владата на седницата која се одржа утринава донесе неколку Одлуки со кои се намалуваат цариснките давачки од 65%, 55% и 45% на 10% за повеќето производи кои спаѓаат во категоријата овошје и зеленчук, освен домати, краставици и пиперки, имајќи во предвид дека ќе им се даде дополнителен рок на нашите производители на овие производи до 1-ви декември за да го снабдуваат и македонскиот пазар“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешното гостување на Телевизија 24.
Како што информираше министерот според анализите на Министерството за економија има зголемен извоз извоз на земјоделски производи од нашата земја што се надополнува од увоз од соседните земји, што на крај влијае негативно кај домашните потрошувачи преку повисоки цени.
„Заради тоа што сме обврзани за тој недостаток да го покриваме преку увоз. Во моментот кога се прави увоз во овој период, за овие производи има царинска давачка од 65%. На пример ако ако еден земјоделски производ чини 100 денари при увоз, увозна цена, директно станува 165 денари, без никакви маржи да имаат трговците на мало или трговците на големо. Зошто е тоа направено, заради што имаме систематски пропусти и во таа насока треба и Министерството за земјодство, секако во соработка со нас и со Министерство за финансии да ги усогласиме овие давачки, бидејќи крајната цел е граѓаните да плаќаат пониски цени. А, ние тоа можеме да го направиме, во регионот сме конкурентни и секако дека во таа насока и работиме“ кажа Бектеши.
Министерот Бектеши информираше дека донесена е и Одлука да се зголемат дозволените квоти за увоз на јужно овошје во Македонија со што очекува да се намалат цените на овие продукти во текот на годината.
„Зголемени се квотите за лимони, портокали, мандарини. Наместо 8.000 тони за јужно овошје, се зголемува за 2.000 тони до крајот на годината и зимоска ќе имаме пониски цени“, рече Бектеши во телевизиското гостување.
Бектеши потенцираше дека со цел да се почитуваат одлуките на Владата инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се постојано на терен и дека изминатите неколку дена се затворени повеќе маркети во Куманово, Тетово, Гостивар и Струга кои не ги почитувале одлуките на Владата и не ги намалиле цените.
„Во делот на намалување на цените, согласно дописот на Министерството за економија целосно да се почитува и Законот за заштита на потрошувачите. Таму се предвидени одредени работи во делот на неможност на трговците да ги стават во заблуда потрошувачите, да направат измама кон потрошувачите и да наведат ознака гарантирана цена, а при контрола таа цена да не биде намалена, согласно цените кои биле од 1-ви август, минус 10% од тие цени. Според Законот, глобите се затварање на објектот од 3 до 30 дена максимум, плус парична казна, согласо проценката на инспекторите, тие ќе одлучат колку е обемот на измамата“ кажа министерот Бектеши.