Мирно, но тензично на северот на Косово

Ситуацијата на Косово е стабилна но тензична. Во селото Бањска, каде вчера во вооружен конфликт загинаа четворица напаѓачи, локални косовски Срби и еден припадник на косовоска полицијата, се уште не може да се влезе ниту да се излезе. Сите приоди се блокирани од силни полициски сили. Остануваат затворени административните премини Јариње и Брњак во правец на Косово. Уапсени се двајца напаѓачи, како и четири лица кои се доведуваат во врска со групата.

Одреден им е 48 часовен притвор а се осомничени за тероризам и напад врз уставниот поредок на Косово. Косовската полиција соопшти дека групата која изврши напад врз косовксите полициски службеници броела 30 лица, биле маскирани и униформирани и добро вооружени.

Во размената на оган има повредени и од двете страни. Судриот почнал пред Бањска каде група етнички Срби поставиле блокади а продолжил во манастирот во селото. Се проверуваат и верниците од манастариот за да се утврди дали меѓу нив имало помагачи. Косовската полиција соопшти дека извршила рации на одрдени локации, станбени згради и возила, како и во возилата околу манастирот и при тоа пронашла стотици парчиња оружје, униформи и логистичка опрема.

Трупите на КФОР и Еулекс остануваат во сотојба на готовност а меѓународната заедница во текот на вчерашниот ден беше во контакт и со Курти и со Вучиќ за да издејствува смирување на ситуацијата на терен. Денешниот ден на Косово е прогласен за ден на жалост, а косовските власти на посебна церемонија посмртно го одликуваа полицаецот Африм Буњаку со орден, за како што посочија, неговата одрбана на законот и територијалниот интегритет на Косово.

И српксиот претседател го осуди убиството на полицаецот, рече дека е нешто што никому не ми треба, но и предупреди дека Курти сака да ја доведе Србија во конфликт со НАТО. Косовскиот премиер нападот го нарече терористички чин поддржан од Белград.

ЕУ и САД го осудија нападот врз полицијата, а двете страни ги посоветуваа да се вратат на преговарачка маса.

– Мора да најдеме излез од постојаната криза и да се вратиме на нормално решавање проблемите преку дијалог. Итно е потребна деескалација. ЕУ беше сосема јасна за тоа што очекува да направат двете страни кога станува збор за потребата за деескалирање на состојбата, изјави Стано, портпарол на ЕУ.

За случувањата во северно Косово реагираше и Русија. Ситуацијата е навистина многу напната и потенцијално опасна, ја следиме многу внимателно. Во ситуацијата на Косово гледаме традиционални предрасуди кон Србите, тоа е традиционален и неурамнотежен пристап.Тоа што многу често се организираат разни провокации против Србите не е тајна за никого – изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.