Официјален Кремљ денеска соопшти дека е прерано да се организира самит меѓу рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден, откако Париз најави можност за средба за смирување на тензиите околу Украина.
„Прерано е да се зборува за какви било конкретни планови за организирање каков било вид самити“ – изјави портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков.
Тој додаде дека не се направени „конкретни планови“ за средба.
Францускиот министер за европски прашања, Клемент Бон изјави дека самитот меѓу американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин, „нема да се случи пред четврток“.
Путин и Бајден начелно се согласиле на билатерална средба на која ќе разговараат за тензиите околу Украина, по повиците со францускиот претседател Емануел Макрон, вклучително и тричасовната дискусија со Путин, според Бон.
Украинскиот министер за надворешни работи, пак, Дмитро Кулеба запрашан за средбата Путин-Бајден, свикана од страна на Макрон изјави дека го поздравува овој самит и дека секој напор за деескалација е добредојден. Украина добила уверување од САД дека на оваа средба „ниедна одлука нема да се донесе зад грбот на Украина“.
-Се надеваме дека двајцата претседатели ќе излезат оттаму со договор за повлекување на руските сили од Украина, ако тоа не се случи значи дека Русија останува на логиката на ескалација“ – изјави Кулеба од Брисел.