Руски опозиционер: Путин е расипано човечко суштество, ќе нè надживее сите!

Неодамнешните мисли на Владимир Путин се невообичаени дури и за неговите стандарди, пишува рускиот опозиционер Леонид Гозман за Новаја Газета Европа. Како што наведува, неговите мисли предизвикале шпекулации за неговата психичка состојба.

Иако верува дека Путин веќе некое време не е способен да владее, вели дека најверојатно неговото здравје е доста добро.

„Всушност, тој веројатно ќе не надживее сите нас. Она што се случи е што Путин престана да се воздржува и почна да размислува гласно“, вели Гозман и тврди дека Путин ја тргнал маската.

„Оваа комбинација на хомофобија, антисемитизам, сексизам, етноцентризам, теории на заговор и презир кон секој кој рефлексно не се тресе пред авторитетот може да добие неколку научни имиња. Јас лично го нарекувам расипано човечко суштество“ пишува Гозман.

За отстранувањето на маската од лицето на Путин, наведува три можности:

Првата е дека тој доживува дегенерација на личноста поврзана со возраста со психопатско акцентирање, што резултира со опаѓање на самоконтролата.

Втората опција е дека тој едноставно престанал да се грижи што мисли некој: „јас ќе кажам што сакам, а вие сепак ќе ми аплаудирате за тоа“.

Третата можност е кревката контрола врз реалноста предизвикана од постојаниот тек на ласкање во комбинација со целосната осаменост на неговото постоење што резултира со длабока заблуда, посочува опозиционерот Леонид Гозман.