Загинаа двајца цивили, 11 се ранети во напад во Азербејџан во кој се повредени и 8 деца

Најмалку двајца цивили загинаа, а 11 се ранети во нападите на азербејџанската армија врз Нагорно Карабах, изјави денеска омбудсманот на тој непризнаен регион Гегам Степанјан. Според него, меѓу повредените има осум деца.

Властите во непризнаената држава Нагорно-Карабах соопштија дека азербејџанските трупи се обидуваат да напредуваат длабоко на територијата на планинските енклави под контрола на Ерменија, но наишле на „решителен“ отпор.

Министерството за одбрана на Азербејџан претходно соопшти дека како резултат на експлозиите на мини поставени од ерменската армија во Карабах загинале шест државјани на Азербејџан – четворица вработени во Министерството за внатрешни работи и двајца цивили, пренесе Интерфакс.

Азербејџан оцени дека се работи за терористички напад.

После тоа, Министерството за одбрана на Азербејџан најави антитерористички мерки против ерменската армија во Карабах со цел, како што наведе, „враќање на уставниот поредок и сузбивање на провокациите“.

Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека засега ситуацијата на границата меѓу Ерменија и Азербејџан е релативно мирна.

Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, има претежно ерменско население и не е под контрола на Баку од раните 1990-ти, по војната меѓу Ерменија и Азербејџан.

Азербејџан повторно зазеде делови од територијата на Нагорно-Карабах во и околу неа во војната во 2020 година.