
Денес како што знаете се одржа Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање со една исклучително интересна тема. Имено Комисијата побара извештаи од страна на 4 институции, тоа е Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Во однос на тоа дали во Македонија нелегално се следат комуникации од една страна и од друга страна дали се произведува софтвер со кој што можат да се следат нелегално комуникации.
Морам на почетокот да нагласам дека извештаите, со исклучок на извештајот на военото разузнавање беа класифицирани како строго доверливо, значи извештаите на МВР, Агенцијата за национално безбедност и Агенцијата за разузнавање се класифицирани како строго доверливо и тука се надевам дека ќе имате разбирање дека не можам да одам во детали имајќи предвид дека се коси со законот, но можам неколку работи да кажам.
Првото е во однос на користењето на таканаречениот малициозен софтвер, имено преслушувањето веќе во Европа добива други димензии, а тоа е покрај следењето на гласовната комуникација односно телефонските повици и СМС пораките, веќе има масовно следење на приватни фотографии, приватни видеа, средби кои што ги прават граѓаните помеѓу себе кои што можат да бидат документирани односно снимени, како и влегување во домот односно сите користиме или најголем дел смарт телевизори кои што најчесто се поврзани на кабелски оператор и на тој начин телевизорите се користат како начин да се снимаат разговорите дома, аудио, а оние кои што имаат можност и видео и практично да се влезе во домот на секој граѓанин што ќе се согласите е застрашувачки. Како и да се прави профилирање на граѓаните преку локациите на кои што присуствувал, што исто така може да се следи со овие малициозни софтвери, веб страните кои што ги отварал, луѓето со кои што комуницирал и на тој начин да се прави цел профил.
Од она што го слушнавме можам да кажам дека не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се прави вакво следење. И ова е максимум што можам да кажам имајќи предвид дека е државна тајна. Значи да повторам не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се случува следење на граѓаните со таканаречен малициозен софтвер односно напредни софтвери кои што буквално влегуваат во домот.
Она што исто така можам да го кажам е дека кај нас како најголема политичка партија во Македонија постои сериозно сомневање дека сме под континуирано физичко следење како опозициони политичари кое што најверојатно се прави нелегално од страна на одредени структури кои што се во безбедносниот сектор во државата.
Тоа што исто така можам да го кажам, а кое што дел е познато на јавноста е дека во Македонија, да се произведувал ваков малициозен софтвер. Една компанија, тоа е компанијата „Сајтрокс“ веќе е и на црната листа на САД баш заради оваа работа.
Но, за мене многу позначајно од тоа дали се произведувал ваков софтвер е дали се користел тој софтвер, затоа што тоа отвора многу сомнежи за слободата на движење на граѓаните, за приватноста на домот. Значи овие софтвери можат да влезат многу подлабоко од она што досега беше класично прислушување односно следење на комуникации преку гласовна комуникација и преку СМС пораки, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.