– Денешниот аеромитинг на кој покрај македонската и српската авијација учествуваат и цивилното и военото воздухопловство од Република Италија, Република Грција и други земји е јасен показател за интересот на државите, стопанствата и граѓаните од овие подрачја за воспоставување на уште подобри меѓусебни врски, но и за свеста за заедничката одговорност во зачувувањето на мирот и безбедноста како предуслови за забрзан економски и општествен развој, рече српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на одбележувањето на 100-годишнината од македонската авијација што денеска се одржа на спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје.
-Одбележувањето на 100-годишнината од македонската авијација во Скопје е добра прилика да ги ставиме во погон сите неискористени потенцијали кои без сомнеж постојат за натамошен уште посестран и обострано корисен развој на нашите односи.
Нашите две земји имаат братски односи, како и одлична соработка во рамките на иницијативата Отворен Балкан и на другите регионални форуми, рече Дачиќ.
Со денешниот настан, додаде, ќе пратиме политичка порака дека нашите земји се определени за дополнително зајакнување на односите за по просперитетна иднина на нашите граѓани.
-Србија и српскиот народ му посакуваат многу среќа и успеси во се што сакаат на македонскиот народ и на сите други граѓани на Република Северна Македонија и да даде Бог на овие простори да не летаат воени авиони со воени задачи, туку се да биде во рамките на аеромитинзи за луѓето да можат да уживаат во мирот и просперитетот.
Ви сакам се надобро и забрзан пат во ЕУ, порача Дачиќ.
Посочи дека во подготовките за одбележување на јубилејот учествуваше и Министерството за одбрана на Србија кое не организаторите на аеромитингот им ја отстапи едрилицата „Илинденка“, прво летало произведено на македонска територија во 1955 година според проект на познатиот српски инженер Милош Илиќ.
– Илинденка на симболичен начин сведочи за блиската поврзаност на нашите две земји и во областа на воздухопловството, рече Дачиќ.
Нагласи дека македонските граѓани на денешниот аеромитинг ќе можат да се запознаат и со современите капацитети на Военото воздухопловство и против воздушната одбрана на Војската на Република Србија преку акробатскиот лет на школскиот авион „Ласта“ и хеликоптерот Н145М, како и со прелетот на два суперсонични авиони МиГ 29.